Никола Тодоров сведочи за собраниските настани од 27-ми април
На вчерашното рочиште сведочеа Мухамед Зекири и Петре Шилегов, а претходно свои искази дадоа и Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.

Со сослушување на сведокот Никола Тодоров почна денешното рочиште во Кривичен суд за настаните од 27-ми април минатата година во Собранието на Република Македонија.
На денешното судско рочиште се присутни сите обвинети за немилите настани во Собранието и нивните бранители. На почетокот на судењето беа присутни сведоците Никола Тодоров, Весел Мемеди и Оливер Спасовски, а претседателката на судечкиот совет, судијката Добрила Кацарска, кажа дека сведокот Зоран Заев го известил Судот дека не може да присуствува на почетокот поради средба со австрискиот канцелар Курц, по што ќе дојде во судот да сведочи.
Подоцна на судењето пристигна и Заев кому Кацарска му кажа дека сведочењата ќе траат подолго пред да дојде тој на ред и дека може да одлучи дали ќе чека во Суд или поради функцијата што ја обавува ќе биде повикан еден час пред да треба да сведочи.
На вчерашното рочиште сведочеа Мухамед Зекири и Петре Шилегов, а претходно свои искази дадоа и Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.
Обвинетите во случајот за настаните од 27-ми април се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
