Австрискиот канцелар во посета на Македонија

Курц ги повика граѓаните да гласаат „ЗА“ на референдумот

07.09.2018 12:59

Протоколарен пропуст со австриското знаме на пречекот на канцеларот Курц, на платото пред македонската Влада. Поставено латвиското, наместо австриското знаме. Владата се извини за гафот. И покрај ова, силна порака од претседавачот со ЕУ. Канцеларот Курц порача, Македонија е пријател на Австрија, и би сакале граѓаните да излезат на референдумот...

„Би сакал што повеќе граѓани да излезат на референдумот и да гласаат ЗА“.  Австрискиот канцелар, Себастијан Курц во Скопје. Неговиот став е дека гласањето на 30-ти септември е одлука на граѓаните. Советуваше дека би било добро да има излезност. За ставот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот, рече дека има иста порака и за народот, и за опозицијата и за власта.

„Австрија е број еден инвеститор во Македонија. Европската унија ќе биде комплетна кога целиот Западен Балкан ќе се интегрира. Тоа е избор за секој граѓанин, но како пријател на Македонија мислам дека е добро доколку има голема излезност“, изјави австрискиот канцелар, Себастијан Курц.

Премиерот Заев благодарен на австриската поддршка. Рече оти Македонија ќе биде позитивен пример за мир и стабилност во регионот.

„Поттик за нас е што Австрија ја препозна Македонија како надеж за Европа. Ова го прифаќаме како обврска. Вашата посета е силна порака во пресрет на референдумот и јас верувам дека мнозинството граѓани ќе го дадат својот глас за иднина“, нагласи премиерот Заев.

Австрискиот канцелар беше дочекан свечено. На платото пред владата освен премиерот, и почесната гарда му посака добредојде на гостинот. Но, наместо австриското, беше поставено латвиско знаме. Владата со извинување, за како што велат, ненамерниот протоколарен пропуст.

„Пропустот е направен од страна на службите за протокол на Владата на Република Македонија и на Министерството за надворешни работи, а до него дошло поради големата сличност во димензиите и колоритот на знамињата на Австрија и Латвија“, се вели во владиниот допис.

Посетата на Курц е по покана на македонскиот премиер. Доаѓа по средбите во Скопје на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и во пресрет на утрешната, на германската канцеларка Ангела Меркел.

 

Катерина Топалова