Собранието почнува кампања за референдумот
Од денеска Собранието официјално ја почнува 20- дневна кампања за референдумот на 30- ти септември. Како овластен предлагач, на посебна сметка доби 80 милиони денари од тековната буџетска резерва. Спикерот Џафери најави транспарентна кампања, без дискриминација и предрасуди. Се подготвува и ДИК, забрзано ги комплетира избирачките одбори...

И формално, стартува 20- дневната референдумска кампања. Средби со граѓани, трибини, собири- во агендата на партиите. Во зависност од ставот за референдумското прашање, ќе се обидат да ги убедат граѓаните за конечната одлука која треба да се донесе на 30-ти септември.
Коалицијата „Излези ЗА“ веќе е на терен. ДУИ почнува од Тетово. ВМРО-ДПМНЕ своите пораки за референдумот сѐ уште ги соопштува во ракмите на „работното лето“. Дали ќе има поинаков пристап, ќе се знае по ставот на најголемата опозициска партија што треба да се донесе на највисоките партиски тела.
Претходно, спикерот Џафери соопшти дека кампањата ќе се води транспарентно, без дискриминација и предрасуди. 1,3 милиони евра доби Собранието од Владата за медиумска кампања која ќе биде пропорционално распределена. 59 проценти од пратениците ќе водат кампања „за“. Не беше прифатено барањето на опозицијата парите кои ним им следуваат да бидат наменети за проекти од јавен интерес.
И Државната изборна комисија ги финишира подготовките за формирање на избирачките одбори, но и за акредитирање на невладини организации кои ќе го следат референдумот.
Во избирачкиот список запишани се 1.806.336 избирачи. За да се постигне предвидениот цензус од 50 проценти плус еден глас, треба да излезат најмалку 903.169 гласачи.
Престојниот референдум за договорот за името е консултативен, сепак, пораките од Владата се дека волјата што граѓаните ќе ја искажат на 30-ти септември ќе се смета за обврзувачка.
Миле Ристески
