Сирија

Советот за безбедност со нова седница за кризата во Идлиб

11.09.2018 14:30

Советот за безбедност на Обединетите нации на нова седница за кризата во Идлиб. Воздушните напади врз бунтовничките упоришта продолжуваат. Двете страни со меѓусебни обвинувања за цивилните жртви. Турција го зголемува присуството во граничните предели...

По барање на Русија, по трилатералниот самит со Иран и Турција, Советот за безбедност на Обединетите нации на нов состанок за состојбата во сириски Идлиб. Последното големо упориште на бунтовниците повторно е цел на гранатирање од владините сили на сирискиот претседател Башар ал-Асад, како и на воздушни напади координирани од Москва.  Според локалните медиуми, во нападите загинале петмина членови на ограноци на Ал Каеда, и било уништено оружје. Од друга страна, бунтовниците обвинуваат дека  руските и сириските воздухоплови целеле кон болница и кон објекти на цивилите.

„Доаѓаме од југот на Идлиб, бегаме од воздушните напади. Русите употребуваат бомби, артилерија против нас. Одиме кон северните делови.“

Западните земји се заканија со остра реакција при секој обид за хемиски напад од  владините сили на Дамаск. Турција праќа дополнителни воени конвои на границата со Сирија и предупреди дека е од клучна важност да се избегне хуманитарна катастрофа. Населението во загрозените подрачја се подготвува и за најлошото сценарио. Покрај засолништа, создаваат  и импровизирани маски од картонска чаша, дрвен јаглен и памук.

„Идејата за гас-маска ја добив од интернет. Евтина е. Изработуваме маски зашто слушнавме дека постои опасност од хемиски напад. Велат дека терористите користат гас, но лажат. Ако некој користи, тоа се Русите. Разделивме вакви маски во областа за да се заштитат луѓето.“

Во меѓувреме, „Јутјуб“ суспендираше налози на најмалку три медиуми кои се управувани од сириската влада, неколку недели откако било утврдено дека каналите ги прекршиле американските санкции.

Маја Филишев