Русија

Почнаа најголемите воени вежби по Студената војна

11.09.2018 14:48

Главната цел на маневрите е проверка на способноста на органите на воената управа во планирање и прегрупирање на трупите на далечни локации, организирање соработка меѓу копнени групи и поморските сили, а командантите и штабовите ќе ги усовршат вештините за водење трупи.

Во рускиот источен воен округ почнаа најголемите вежби во современа Русија. Ќе траат до 1-ви септември, под раководство на министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу. Ова се најголемите воени вежби по Студената војна, наречени „Исток-2018“. Во нив учествуваат 300.000 војници, над 1.000 авиони, хеликоптери и дронови, 36.000 тенкови, оклопни транспортери, како и 80 бродови и помошни објекти, а вклучени се и воени единици од Кина и Монголија.

Главната цел на маневрите е проверка на способноста на органите на воената управа во планирање и прегрупирање на трупите на далечни локации, организирање соработка меѓу копнени групи и поморските сили, а командантите и штабовите ќе ги усовршат вештините за водење трупи.

Воената соработка беше и тема на разговорите меѓу рускиот и кинескиот претседател, Путин и Џинпинг, во рамки на економскиот самит во Владивосток.

„Нашите односи се базирани врз доверба во политиката, безбедноста, одбраната“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Одржуваме блиски контакти. Подготвен сум денеска, а и во иднина да ги интензивирам нашите погледи за размена и блиска координација“, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг.

Експертите оценуваат дека вежбите се случуваат во момент на мошне заострени односи меѓу Русија и НАТО, во кои доминираат САД. Би-би-си напоменува дека дека ваквите вежби се досега невидени за Русија и дека би требало да ја покажат силата на земјата и на претседателот Путин, како и да му покажат на светот дека наметнатите санкции ништо не им можат.

НАТО соопшти дека секој има право да спроведува воени вежби се додека се одвиваат на транспарентен и јасно предвиден начин. Алијансата пак, од друга страна подолго време поставува трупи во источна Европа, по руската анексија на Крим.

Ситуацијата е дополнителни влошена по случајот со труењето на поранешниот руски шпион Скрипаљ и неговата ќерка, со нервен агенс кој наводно се произведува само во Русија.

Марина Ристова