Лула се повлече од изборите, Болсонаро во предност
Поранешниот бразилски претседател Лула Да Силва се откажа од кандидатурата за претседателските избори којашто планираше да ја спроведе и покрај судската забрана поради пресудата за корупција. На негово место, ќе се натпреварува Фернандо Хадад, сопартиец во Работничката партија. Засега на анкетите води ултрадесничарот Жаир Болсонаро.

Поранешниот лидер на Бразил, претседателот Инасио Лула да Силва нема да се кандидира за нов мандат на изборите идниот месец. Наместо него, во трката влегува Фернандо Хадад, колега од Работничката партија.
И покрај забраната за кандидатура од Врховниот изборен суд поради пресудата за корупција од 12 години затворска казна, Лула остана фаворит меѓу гласачите. 72-годишниот политичар со писмо им ја соопшти одлуката за повлекување на своите поддржувачи, кои со месеци кампуваат пред затворот.
„Човекот може да биде неправедно заробен, но не и неговите идеи“, порача Лула, барајќи поддршка за Хадад кого го очекува тешка битка откако се зголеми популарноста на кандидатот на крајната десница, Жаир Болсонаро којшто беше повреден со нож за време на митинг.
„Пред нас е историска задача. Но проблемите не се поголеми од волјата да им го вратиме Бразил на Бразилците. Сметаме на секој од вас. На 7 октомври излегуваме на улиците, па потоа и на 28. Ќе ја славиме демократијата на Бразил“, изјави Фернандо Хадад, претседателски кандидат од Работничката партија.
„Сакавме Лула да биде нашиот кандидат. И покрај сите неправди кои правосудниот систем му ги нанесе, ние успеавме да добиеме добар претставник како што е Хадад.“
Лула владееше од 2003-та до 2010-та година. Во двата последователни мандата беше регистриран најдолготрајниот економски раст во три децении, така што администрацијата можеше да ги збогатува социјалните програми и да спаси десетици милиони луѓе од сиромаштија.
Маја Филдишев
