КОРЕЈСКИ ПОЛУОСТРОВ

Нова ера во односите меѓу Северна и Јужна Кореја

19.09.2018 12:36

Нова ера во меѓукорејските односи откако лидерите на Северот и Југот потпишаа декларација која треба да резултира со денуклеаризација. Северна Кореја ќе го затвори полигонот за тестирање на проектили, а лидерот Ким Јонг-Ун ја прифати поканата за посета на Сеул.

Лидерите на Северна и на Јужна Кореја, Ким Јонг-ун и Мун Џае-ин потпишаа декларација на средбата во Пјонгјанг. Ќе бидат преземени конкретни чекори кон нуклеарно разоружување и демонтирање на севернокорејските нуклеарни објекти во присуство на меѓународни експерти. На самитот е склучен и воен договор од министрите за одбрана за да се намалат тензиите на Полуостровот.

За прв пат, Јужна и Северна Кореја договорија план за нуклеарно разоружување. Ова е многу значаен исход. Го поканив лидерот Ким да го посети Сеул и тој реши да го направи тоа наскоро“, рече Мун Џае-Инпретседател на Јужна Кореја.

Усвоивме воен пакт за крај на бруталната конфронтација и непријателството, и се согласивме да правиме обиди да го претвориме Полуостровот во земја на мир во која нема нуклеарно оружје и закана“, изјави Ким Јонг-Ун, лидер на Северна Кореја.

Југот и Северот најавија формирање на заеднички комитет, поврзување на железниците, соработка во здравството, и обединувања на уште од семејствата коишто беа разделени од Војната. Во план е и заедничко организирање на Летната олимпијада во 2032 година.

Ова е трет состанок на јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин со лидерот на северна Кореја Ким Јонг-ун. Дводневната посета е подготовка за разговорите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон чија цел е да се стимулира таканаречената „нуклеарна дипломатија“.

Јужна Кореја цели кон подобрување на соработката со северниот сосед и во областа на економијата и културата, но и кон успешно посредништво меѓу Пјонгјанг и Вашингтон во однос на нуклеарното разоружување.

САД инсистираат на денуклеаризација на Полуостровот, што е предуслов за намалување на санкциите.

 

Маја Филдишев