Безбедносен форум во Охрид

Соработката клучна за справување со кризите

19.09.2018 16:35

При справувањето со мигрантската криза од исклучително значење беше соработката помеѓу земјите од регионот и соработката со Европската унија. Ова на „Маршал безбедносниот форум“ во Охрид го рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при што посочи дека ние како држава моравме да изнајдеме начин од една страна да обезбедиме заштита на јавната и националната безбедност и јавното здравје, а од друга да обезбедиме целосно почитување на човековите права на мигрантите...

Кризата со мигрантите покажа дека од суштинско значење е кооперативноста, партнерството, меѓусебната комуникација и помошта, затоа што секој сам не може да се справи со таквиот бран, рече министерот Оливер Спасовски на „Џорџ Маршал“ безбедносниот форум во Охрид. Тој посочи дека актуелните тенденции околу мигрантската политика покажуваат дека сите во регионот и во Европа се свесни дека заедништвото и соработката се неопходни.

„Не сметам дека ќе се соочите со бегалска криза каква што беше таа пред 18 месеци. Но сметам дека миграцијата е најсериозното безбедносно прашање исправено пред југоисточна Европа“, вели Џејмс Серока, универзитетски професор од САД.

Учесниците на форумот сметаат дека проблемот со мигрантите не е само на земјите од регионот, туку и на ЕУ и на меѓународната заедница.

„Ние мораме да ја унапредиме нашата соработка, да разменуваме информации, да ги зајакнеме капацитетите и да побараме подршка од ЕУ, бидеќи ова не е регионален туку глобален проблем“, изјави Мирела Тешановиќ- МВР на Република Српска.

„Треба да се спуштат тензиите во јавноста и приказните дека милиони луѓе ќе дојдат и ќе живеат кај нас. Сметам дека тоа се злонамерни текстови на поедини медиуми кои сакаат да ја продлабочат политичката криза во Западен Балкан“, вели Балша Божовиќ, пратеник во Парламентот на Република Србија.

На форумот беше речено дека ЕУ има стратегија за нова криза, но дека е потребна финансиска подршка за земјите од регионот, бидеќи немаат и неможат да обезбедат доволно средства за да се справат со слични бегалски кризи.

 

Сашо Нелоски