Политика

Шекеринска: Лага е дека Грција ни ги подготвија уставните измени

21.09.2018 12:59

Политичарите кои застануваат на патот на вољата на народот ги интересираат само лични интереси како амнестија. Во идниот период многу маски ќе паднат, рече министерката Шекеринска критикувајќи го ставот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои се изјаснија дека нема да гласаат за уставните измени кои се обврска од Договорот со Грција...

Лага е дека Грција ни ги подготвила и ни ги доставила уставните измени, вели вицепремиерката Радмила Шекеринска. Тврди, со Преспанскиот договор, за измени во Уставот обврските се наши, а не грчки. Уставните измени ќе следуваат откако граѓаните ќе го кажат своето мислење.

Нашиот фокус се граѓаните, референдумот и членството во НАТО и во ЕУ, потенцира Шекеринска. Во однос на различните ставови во опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдумот, вицепремиерката со став- некои политичари тераат повеќе партиска, отколку државна политика. За едно прашање даваат три различни одговори. Тоа, според неа е дополнителен аргумент, зошто Македонија треба час поскоро да стане членка на евроатлантските институции.

ВМРО-ДПМНЕ бара од Владата да ги соопшти уставните измени. Потпретседателот Николоски праша дали се точни информмациите дека уставните измени се готови и дека треба само технички да ги доработи пензиониран професор по уставно право.

Дваесетина пратеници преку социјалните мрежи се огласија дека без разлика на исходот од референдумот, нема да поддржат промена на Уставот поради промена на уставното име. Неколку пратениците пак, јавно се изјаснија за бојкот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски деновиве со став- доколку биде исполнет цензусот за успешен референдум и ако половина од излезените граѓани бидат за, партијата ќе ја прифати нивната волја.

 

Наташа Гркова- Петрушевска