Политика

Кукан и Флекенштајн: Очекуваме позитивен исход од референдумот

21.09.2018 13:29

Референдумот е историска можност за земјава, секој треба да излезе на гласање, од тоа зависи европската интеграција на земјава - европратениците Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн во Скопје за подготовка на вториот дијалог „Жан Моне“. Порачаа - не размислуваме за „план Б“, очекуваме резултатот од референдумот да биде позитивен...

Европратениците Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн се оптимисти дека престојниот референдум ќе биде успешен. Граѓаните треба да донесат историска, важна одлука која ќе влијае на иднината на земјата, порача Кукан. Право на секој е да гласа, одлуката е на народот, но спроведувањето на реформите е исклучително важен сегмент за почнување на преговорите со Европската унија, порача европратеникот.

И Флекенштајн со апел граѓаните да гласаат „за“, но ниту тој не пропушти да посочи дека Европската унија не бара невозможни работи за да бидат спроведени од страна на Владата во однос на реформите.

Европратениците се во Скопје за подготовка на втората рунда од дијалогот „Жан Моне“ кој ќе се одржи во декември или јануари идната година. Задоволни се што имаат соработка и од опозицијата.

Според најавите, на ред е разгледувањето на предлозите за подобрување на собранискиот Деловник.

Миле Ристески