Манчевски: 15 проценти од домаќинствата се без пристап до интеренет
Од Министерството за информатичко општество велат дека во следните три години нема ниту интерес од операторите за градба на мрежа. Најавија, со пари од меѓународните финансиски институции државата ќе го решава проблемот.

85 илјади од домаќинставата, или 15 проценти немаат пристап до интернет. Од Министерството за информатичко општество велат дека во следните три години нема ниту интерес од операторите за градба на мрежа. Најавија, со пари од меѓународните финансиски институции државата ќе го решава проблемот.
Според министерот Манчевски, државата е обврзана да обезбеди пристап до интернет и да го намали дигиталниот јаз, а поради немањето интерес од операторите за изградба на потребните мрежи ќе се вклучи во овој процес. Тоа ќе се направи со поддршка од меѓународни финансиски институции за што има интерес, а колку ќе чини ќе се знае по завршувањето на акцискиот план и стратегијата со тековната подготовка на Националниот оперативен план.
Дефинираните „бели,сиви и црни зони“ ќе овозможат секој граѓанин да провери дали местото во кое живее е покриено со бродбенд мрежа на еден или повеќе оператори или ако ја нема ќе знае дека тоа ќе биде направено со државна помош во наредните три години.
Моменталната состојба покажува дека пристап до брзи мрежи во Македонија имаат 78 проценти од домаќинствата, а до ултра брзи мрежи 43,8 проценти. Согласно планираните инвестиции кои ги најавиле операторите за идните три години 84,9 проценти од вкупниот број домаќинства ќе имаат пристап до брзи мрежи, а 69,5 проценти до ултрабрзи мрежи.
Покриеноста со брзи бродбенд мрежи во Македонија е приближно иста со просекот во ЕУ што е многу добро, но постојната покриеност со ултрабрзи бродбенд мрежи од 43,8 проценти е доста пониска од европскиот просек каде изнесува 58 проценти, рече Манчевски, посочувајќи дека загрижува податокот за ниското користење на интернет од страна на корисниците.
