„ОДВ Електрик“ ја проширува инвестицијата со нови 4,2 милиони евра
Германската „ОДВ Електрик“ ја проширува инвестицијата во Македонија со нови 4,2 милиони евра. Менаџментот најави двојно зголемување на производствениот капацитет и речиси 1.000 вработувања. Досега имаат инвестирано околу пет милиони евра. Во капацитетот во ТИРЗ Охрид/ Струга произведува електрични инсталации за познати автомобилски брендови...

Со инвестиција од 4,2 милионa евра и нови 90 вработувања германската компанија „ОДВ Електрик“ ја почнува реализацијата на втората фаза во индустриската зона Охрид- Струга. Според извршниот директор Мартин Ехрет, усогласеноста на регулативата и на царината со европските, како и институционалната поддршка биле клучни да се зголеми инвестицијата.
Се планира постојните 4.500 квадратни метри сега да се зголемат на 10.000. Развојните планови на „ОДВ Електик“ предвидуваат компанијата да вработи над 1.000 луѓе.
Според првиот човек на ТИРЗ, мерките за економскиот раст резултираат со зголемена динамика во економијата.
Странските компании носат стандарди, знаења и современа опрема што поволно се одразува на економијата, вели вицепремиерот Анѓушев.Тоа ја зголемува конкуренцијата, а влијае и врз зголемување на платите.
Според Анѓушев, инвеститорите се охрабруваат да инвестираат во земјава. Посочува дека во наредниот период ќе бидат клучни и промените во образованието со цел на компаниите да им се обезбеди соодветен стручен кадар.
Дијана Ценевска
