Обединети нации

Претседателот Иванов ќе се обрати на Генералното собрание на ОН

27.09.2018 10:30

Претседателот Ѓорге Иванов попладнево ќе се обрати на 73. Генерално собрание на Обединетите нации кое годинава се одржува на тема „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите. Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“...

Претседателот Иванов попладне по македонско време ќе се обрати на 73-то Генерално собрание на Обединетите нации. Годинава, главната тема е насловена: „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе, преку глобално лидерство и заедничка одговорност до мирни, рамноправни и одржливи општества“. Се очекува Иванов, кој веќе објави дека нема да учествува на референдумот на 30-ти септември, од говорницата во ООН да го соопшти својот став за договорот со Грција.

Шефот на државата Иванов во Обединетите нации во Њујорк присуствуваше на седницата на Советот за безбедност, со којашто претседаваше првиот човек на Белата Куќа, Доналд Трамп. Главна тема - одржување на меѓународниот мир и безбедност.

Американскиот претседател Трамп за време на седницата на Советот за безбедност рече дека се посветени кон спречување на ширењето и употребата на оружјe за масовно уништување, хемискo и биолошкo. Најави дека санкциите кон Техеран целосно ќе влезат во сила до ноември, по што уште пожестоко ќе ја притисне земјата за да не и дозволи да развие нуклеарен арсенал. Трамп побара поддршка од сојузниците.

„За да биде успешно ни е потребна посветеноста од секоја нација што е претставена во оваа сала. Ако дејствуваме заедно можеме ужасите на војната да ги замениме со сигурност и мир“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

„Нашата земја е посветна кон целта за целосно ослободување на светот од нуклеарната закана. За тоа да се случи, предвид мора да се земат сите фактори кои се важни за стабилноста, во преговорите да се вклучат сите страни кои имаат нуклеарен потенцијал“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

На маса во Советот за безбедност, и прашањата за Северна Кореја и војната Сирија.

„Северна Кореја продолжува да претставува нуклеарна и балистичка закана за регионот и за светот. Од режимот во Пјонгјанг очекуваме со конкретна акција да покаже посветеност кон прекин на нуклеарната програма“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Македонскиот претседател Иванов по седницата на Советот за безбедност на ООН беше на прием во Делегацијата на ЕУ во Њујорк, на покана од Туск, Тимерманс и на Могерини, а претходно беше на свечен прием кај американскиот претседател Трамп.

 

Мартин Пушевски, специјален известувач од Њујорк за МРТ