Почна дистрибуцијата на гласачките ливчиња до Општинските комисии
Како што велат од печатницата „Киро Дандаро“, станува збор за ливчиња кои што имаат вградено 20-тина заштитни мерки, што овозможува зголемена безбедност на материјалот за изјаснување.

Под засилено полициско обезбедување од битолската печатница „Киро Дандаро“, посебни тимови на Државната изборна комисија ја почнаа дистрибуцијата на гласачките личиња за референдумот, директно до Општинските комисии.
Како што велат од печатницата, станува збор за ливчиња кои што имаат вградено 20-тина заштитни мерки, што овозможува зголемена безбедност на материјалот за изјаснување.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски изјави дека дистрибуцијата на гласачките ливчиња за референдумот почна по проверката што членови на Комисијата ја направија во печатницата „Киро Дандаро“. Оцени дека подготовката на референдумскиот материјал завршила одлично.
Во текот на денот со помош на возила на Македонски пошти и наши екипи материјалот ќе биде дистрибуиран до ОИК и очекувам процедурата да заврши во доцните попладневни часови. Инаку во текот на вчерашниот ден тргнаа првите избирачки одбори што се во подалечните дипломатско-конзуларни претставништва, а денеска ќе отпатуваат и останатите за да може в сабота да се реализира гласањето. Во дијаспората пријавени се 2.695 гласачи во 33 ДКП-а, избирачките одбор се на пат, а со себе го носат и гласачкиот материјал, рече Деркоски.
Право на глас имаат 1.806.336 гласачи, запишани во Избирачки список, а референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата.
