Заев во Прилеп: Време е за одлука и акција за европска Македонија
„Коалицијата за европска Македонија“ синоќа на граѓански собир во Прилеп. Премиерот Заев рече дека е време за историска одлука и ги повика граѓаните да гласаат „за“. Според него, подобар договор со Грција не бил понуден, затоа што го штити јазикот и идентитетот. Зборуваше и пратеникот од српското собрание Драгомир Кариќ. Рече дека стручното жири на фондацијата „Кариќ“ ги номинирала Заев и Ципрас за награда за областите– зајакнување на мирот, соработката и пријателство меѓу народите. Наградата ќе биде врачена наскоро во Белград...

Направивме комромис за географска одредница на нашето име, но тоа е фер и праведно решение кое обезбеди пријателство со петте наши соседи и пријателство со целиот свет. Добивме шанса за членство во НАТО и ЕУ која нема да се повтори, добивме иднина за нашите деца и за Македонија, зашто се признаваат нашиот идентитет и име, истакна премиерот Зоран Заев на собирот во Прилеп на коалицијата „Излези за европска Македонија“.
Говорејќи за придобивките што ќе ги има Македонија со влезот во НАТО и во ЕУ, Заев посочи дека Бугарија и Романија по членството го зголемија стандардот, а и во Македонија се најавуваат пораст и на инвестициите, бруто домашниот производ, на платите.
Од досегашните 680 милиони евра европски грантови, со членството во ЕУ ќе се очекуваат 8,5 милијарди евра за водоводи, канализации, училишта, спортски терени.
Заев повика сите да излезат на референдумот на 30-ти септември, зашто во прашање е иднината на нашите деца. Да излезе и опозицијата, а секој што бојкотира, всушност се бојкотира себе си.
На собирот во Прилеп говореа и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и деканот на економскиот факултет Ѓорѓи Манчевски.
Елизабета Митреска
