Битола

Референдум: Почна дистрибуцијата на гласачкиот материјал

27.09.2018 11:43

Изутрината по извршената контрола од претставниците на ДИК, од печатницата „Киро Дандаро“ започна дистрибуцијата на доверливиот материјал за референдумот на 30-ти септември, на кој според единствениот избирачки список право на глас имаат 1.806.336 гласачи. Овие гласачки ливчиња се изработени со најмногу заштитни мерки досега, велат од битолската печатница...

Под силно полициско обезбедување и контрола од претставниците на ДИК, изутрината започна дистрибуцијата на доверливиот и пропратниот материјал за престојниов референдум. До крајот на денот гласачките ливчиња ќе бидат доставени до 80-те општински изборни комисии. В недела ќе се гласа на 3.480 гласачки места, а според единствениот избирачки список право на глас имаат 1.806.336 гласачи.

Од битолската печатница велат дека испочитувани се сите подготвителни процедури и работата е завршена навреме, со висок квалитет, односно во однос на другите изборни цклуси овие гласачки ливчиња досега се со најголем број заштитни мерки.

„Гласачките ливчиња се испечатени со висок квалитет. Имаат околу 20 заштитни мерки и не постојат никакви можности за нивно копирање или фалсификат. Освен доверливиот материјал нашата печатница го подготви и останатиот недоверлив материјал“, вели директорот на печатницата „Киро Дандаро“, Драги Милошевски.

„Задоволни сме од она што го проверивме. Работите квалитетно течеа уште од подготвителниот период. Изготвувачот го испочитува сето она што предходно го побаравме како материја“, вели претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.

Завчера беше дистрибуиран и доверливиот материјал во дијаспората каде во 33 дипломатско- конзуларни претставништва ќе гласаат 2.695 гласачи. Од ДИК велат дека вчера отпатувале избирачките одбори за најодалечените претставништва, а останатите патуваат денес. Велат, дека очекуваат работите да се движат според предвидената динамика, а право на глас во сабота ќе имаат болните и изнемоштени лица и затворениците.

Стевче Митревски