Палестинците скептични за коментарите на Трамп
Палестинската делегација во Обединетите нации одржа состанок со претставниците на десетици земји на маргините на Генералното собрание, посветен на дводржавното решение на спорот со Израел. На средбата не учествуваа САД, но нивниот претседател Трамп изрази поддршка за идејата. Палестинците сомничави за подготвеноста на САД за ваков чекор. Израел инсистира безбедносната контрола да остане во негови раце...

Палестинските власти се скептични за коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изрази поддршка за дводржавно решение на Израелско- палестинскиот спор. Оваа опција ќе им овозможи на Палестинците да создадат независна држава врз основа на границите од 1967 година со источен Ерусалим како главен град. Според нив, американската политика ја уништува секоја можност за мир.
„Актуелната американска администрација почна отворена војна против палестинскиот народ. Ние не баравме судири, напротив, сакавме дијалог и бевме целосно вклучени во 2017 година. Потврдуваме дека какви било изјави од Трамп не значат дека Ерусалим е тргнат од маса. Меѓународното право и резолуциите на ОН се јасни. Претседателот Трамп не решава за нив кога зборува за еднострани чекори кои се без законска основа“, изјави Ријад Ал Малки, министер за надворешни работи на Палестинската влада.
По средбата со израелскиот премиер Нетанјаху во Њујорк, Трамп изјави дека во наредните два-три месеци сака да ги открие деталите на, според него, „договорот на векот“ за решавање на израелско-палестинскиот конфликт. Дипломатските односи беа влошени откако Вашингтон го призна Ерусалим за израелска престолнина и ја префрли американската амбасада од Тел Авив.
„Работиме на договор. Искрено верувам дека ќе се случи нешто. Велат дека овој договор е најтежок. Кога се споменуваат сложени договори, договорот меѓу Израел и Палестина е најтежок. Мојот сон е да се заврши ова пред да ми истече првиот мандат. Не сакам да го правам ова во вториот“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелскиот премиер Нетанјаху не е изненаден од одлуката на Трамп, но нагласи дека секој има различна дефиниција за терминот „држава“. Според првичните извештаи, предлогот на спогодбата забранува враќање на повеќе од пет милиони палестински бегалци и ја укинува можноста за преговори за статусот на Ерусалим. Палестинците сакаат да основаат држава на териториите на Западниот брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим, кој беше анектиран од Израел во 1967 година.
Маја Филдишев
