Ердоган во тридневна посета на Германија
Берлин под засилено обезбедување за време на посетата на турскиот претседател Ердоган. Опозицијата на Германија не присуствува на свеченостите организирани од владата на Берлин. Курдските групи протестираат, собири и на турската заедница...

За прв пат по 2014 година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е во посета на Германија на средби со канцеларката Меркел и претседателот Штајнмајер за да се подобрат односите меѓу двете земји коишто беа сериозно влошени во последните неколку години. Обезбедувањето на улиците на Берлин е на највисоко ниво. Распоредени се 5000 полицајци поради можниот судир демонстрантите на протестите на левичарите и на курдските групи со турските националисти. В сабота, Ердоган заминува во Келн каде што ќе учествува на отворање на нова џамија.
Опозициските лидери ги бојкотираат свеченостите организирани за турскиот претседател којшто, како што велат, ја обвинил Германија за наводна нацистичка тактика.
Турските гастарбајтери со поделено мислење за посетата.
„Што да очекувам од таков човек? Денеска зборува едно, утре друго. Нема веќе демократија во Турција. опасно е. Немам надеж.“
„Постојат недоразбирања, дури и во турската заедница и ни требаат конекции. За жал, во турското општество нема култура на дискусија, можеме да научиме малку од германското општество. Треба да ја научиме оваа култура на конфликт, ни недостасува тоа“, вели Талат Камран, Оддел за интеграција.
„Ми се допаѓа начинот на кој Ердоган ја води Турција. Модернизираше многу работи. Обнови многу улици, изгради аеродроми и ги модернизираше училиштата.“
„Посакувам да се подобрат односите меѓу Ангела Меркел и нашиот претседател, да се солгасуваат и да соработуваат. Германија е ништо без Турција, и Турција е ништо без Германија. Кога сте во Европа вие мора да се поддржувате меѓусебно.“
Пред две години, Ердоган се соочи со неуспешен обид за државен удар со што ја зацврсти својата престедателска позиција до 2027. Во Турција е укината премиерската позиција. Десетици илјади активисти и новинари завршија зад решетки, вклучувајќи и германски државјани. Канцеларката Меркел, на која многумина и предвидуваат последен мандат, ја подотвори можноста за соработка со Ердоган, најверојатно поради ослабените позиции во владината коалиција и Бундестагот.
Маја Филдишев
