Невреме во повеќе делови од светот

28.09.2018 13:49

Ретка хибридна бура се ближи кон Европа...

Моќна и ретка бура, која наликува и на ураган и на тајфун се очекува во текот на викендот да го погоди источниот дел на Средоземието. Станува збор за т.н. Хибридна бура наречена „Медикејн“. Според истражувањата бурата се случува еднаш или двапати во текот на една година, најчество во септември или октомври, кога површината на Средоземното Море е се уште топла. Најновата бура предизвика големи поплави низ Тунис и Либија, а сега преку Медитеранот се движи кон Европа.

Големо невреме ја погоди Грција

Во меѓувреме во планинските делови на Грција падна првиот снег, а во областа околу Атина силен ветар корнел дрвја. Властите затворија училишта, дел од траектите низ земјата не сообраќаат, а голем број летови се откажани. На островот Кефалонија училиштата биле евакуирани поради шумски пожар кој бил раширен поради силниот ветер. Грчките власти тврдат дека одлуката била донесена поради претпазливост, а итните служби се на готовс бидејќи се очекува влошување на времето со приближувањето на циклонот Зорбас.

Ураганот „Роуз се движи кон Мексико

Ураганот „Роуз“, кој се формираше во водите на Пацификот западно од Мексико, се засили во бура од четврта категорија со ветрови со брзина од 205 километри на час. Се очекува во текот на викендот ураганот да донесе силни дождови и ветрови во Мексико и југозападните делови на САД, но се предвидува дека до понеделник ќе ја загуби силата и ќе премине во тропска бура. Силно невреме со обилни дождови се очекуваат и на бреговите на американската сојузна држава Калифорнија. Мексиканската метеоролошка служба ги предупреди жителите од можни поплави и свлечишта. Мексико беше погодено од поројни дождови на северот на земјата при што загинаа 12 лица, а 12 се сметаат за исчезнати. 

Јапонија се подготвува за тајфунот „Трами

Силен тајфун се движи кон најјужните јапонски острови, а метеролозите прогнозираат дека е можно да ја смени насоката и да се упати кон централниот дел на архипелагот. Поради тајфунот „Трами“ се откажани стотици летови во Јапонија, а крајбрежните градови се подготвуваат за големи бранови. Во жариштетот на тајфунот дуваат ветрови со брзина и до 220 километри на час. Во последниот тајфун во почетокот од септември во азискиот регион загинаа повеќе од 10 лица. Пред два месеца југозападот од Јапонија беше погоден од рекордни врнежи од дожд, а во поплавите и свлечиштата настрадаа 200 луѓе.