70 години Национален сојуз на глуви и наглуви лица
Глувите и лицата со оштетен слух бараат поголемо вреднување во општеството. Не постојат градинки за најмладите од оваа категорија, а во земјава има 6.000 глуви и наглуви лица…
Глувите деца се соочуваат со предизвици од самото раѓање. Не одат во градинка за да се едуцираат и социјализираат со децата што слушаат. Потоа, по поаѓањето на училиште, се појавува потребата со нив повеќе да се работи, за што е потребен и поголем број на дефектолози. Тие се соочуваат и со проблеми во вработувањето. Од Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Македонија, кој бележи 70 години постоење, велат дека во контекст на вработувањето, оваа категорија на лица е често занемарена и дискриминирана, а дополнителен проблем е што немаат право на бенефициран стаж, иако се инвалиди.
„Ќе се бориме во иднина да има изедначување и еднакво третирање, како за сите инвалиди, така и за нас. Додатокот за глувост е 4.000 ден, но би сакале во иднина да се изедначи со додатокот за инвалидитет во другите категории“, вели Томица Стојановски, в.д. претседател на Сојузот на глуви и наглуви лица.
Во Македонија во моментов се регистрирани околу 6.000 глуви и наглуви лица. Од Сојузот велат дека основната бариера со која што тие се соочуваат се препреките во комуникацијата. Како идни приоритети ги најавија проектите за социјализирање на глувите деца во градинките со деца што слушаат и кои што со помош на дефектолози ќе бидат подготвувани првото одделение да го почнат со соодветно ниво на едукација.
Од особено значење за Сојузот е и стартот на интернет телевизија за навремено добивање на информации, како и рестартирање на фолклорното друштво кое што успешно функционирало пред 20-тина години.
Марија Котовска
