ДИК: До 13 часот на референдумот излегле 261.473 гласачи

30.09.2018 14:30

Денот се одвива најнормално со мали, ситни инциденти и исклучоци кои навреме се решаваат од ДИК, ОИК и избирачките одбори, но некаде и со помош на полицијата. Во целина сметам дека нема некои посериозни нарушувања во текот на целиот ден, изјави претседателот на ДИК, Оливер Деркоски...

До 13 часот на денешниот референдум на гласање излегле 261.473 гласачи или 16,00 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список, соопшти на прес конференција претседателот на ДИК Оливер Деркоски.

Ова е резултатот од обработените податоци од 90, 24 отсто од избирачки места во Република Македонија.

Денот се одвива најнормално со мали, ситни инциденти и исклучоци кои навреме се решаваат од ДИК, ОИК и избирачките одбори, но некаде и со помош на полицијата. Во целина сметам дека нема некои посериозни нарушувања во текот на целиот ден, изјави Деркоски.

Апелираше до граѓаните до крајот на гласањето на референдумот до 19 часот, како што рече, да го искажат својот демократски капацитет и да докажеме дека Република Македонија може на вистински начин да организира референдум или избори.

Деркоски кажа дека на едно избирачко место во скопски Чаир е извршена замена на член на Избирачки одбор кој на самото место на гласање агитирал. Исто така, кажа дека на едно избирачко место во селото Грчец направена е проверка на бројот на гласачките ливчиња по тврдења од страна на едно лице дека недостасуваат гласачки ливчиња. Констатирано е дека на ова избирачко место во Грчец не недостасуваат гласачки ливчиња.

Во однос на излезеноста до 13 часот таа се одвива во распон некаде од околу шест отсто до 19 отсто. Градови со најголема излезеност се Гевгелија каде излегле 19,55 отсто од запишаните во Избирачкиот список, во Прилеп 19,05 отсто, во скопската општина Аеродром излезеноста е 18,29 отсто, Бутел 16,08 отсто, Арачиново 15,64, Демир Хисар 15,59 отсто, Куманово 16,15 отсто, Гостивар 12,25, Штип 17,21 отсто, Неготино 15,72, Свети Никола 15,31 отсто. Меѓу населените места со помала излезност се Василево со 9,35, Конче 9,97 и Босилово 6,96 отсто.

ДИК во текот на целиот ден е во постојано заседание. Сите членови се во просториите на Комисијата и евентуалните инциденти и недоследности се решаваат ведаш.

Следната прес-конференција ДИК ја закажа за 15:30 часот.