Канада се приклучува кон трговскиот договор меѓу САД и Мексико
САД, Канада и Мексико постигнаа нов договор за слободна трговија. Трите земји очекуваат солиден економски раст и квалитетна соработка во регионот покриен од новиот пакт којшто ќе функционира како замена на првичната верзија на спогодбата „НАФТА“ од 1994 година...

По сложени 13-месечни преговори, и само 90 минути пред истекот на крајниот рок утврден од Вашингтон, Канада реши да се вклучи во трговскиот договор со САД и Мексико, којшто е нова верзија на Северноамериканскиот договор за слободна трговија од 1994 година, познат како „НАФТА“. Американските фармери добиваат поголем пристап до пазарот на млечни производи во Канада, којашто пак, ќе може да се заштити од американски царини во автомобилската индустрија. Ќе се воведат стандарди за заштита на интелектуалната сопственост и трговските тајни.
„Договорот потпишан од трите земји, првин мора да биде добар за Мексико. Ке се осигуриме дека не му штети на суверенитетот на народот и ќе ги гарантираме федералните принципи кои ја одржуваат нашата република“, изјави Рикардо Монреал, сенатор на Мексико.
И премиерот на Канада Џастин Трудо, за кој зачувувањето на националните интереси беше предуслов за потпис, изрази оптимизам за новиот пакт. Канада е вториот по големина трговски партнер на САД. Договорот ќе трае 16 години, и ќе се ревидира по 6, кога ќе може повторно да биде продолжен за 16-годишен период.
Поради политиката на протекционизам на американскиот претседател Доналд Трамп, Белата куќа инсистира на одделни трговски договори. Трамп бараше драстични промени во пактот кој, според него, затворил многу американски работни места. САД почнаа трговска војна на неколку фронта, во која, како главно оружје користат тарифи за увоз на одредени производи од неколку земји, меѓу кои беа и Мекиско и Канада.
Маја Филдишев
