Каталонија

Жестоки судири во Барселона

02.10.2018 10:40

Гумени куршуми, солзавец и повредени демонстранти, реакција на шпанската полиција за време на одбележувањето на референдумот за независност на Каталонија. Состојбата е зовриена во Барселона и во поголемите градови. Во Каталонија, на демонстрациите вчера учествувале речиси 180 илјади следбеници на независна Каталонија...

Илјадници демонстранти се судрија со полицијата во каталонската престолнина Барселона и во Жирона при одбележувањето на годишнината од референдумот за независност на покраината суспендиран од шпанскиот Врховен суд.

По завршувањето на поворката од 180 илјади демонстранти, радикалните приврзаници на независноста фрлаа врз полицијата лименки и шишиња и ја урнаа железната ограда.

„Бараме да се признае референдумот кој беше легален и според каталонскиот закон“.

„Бараме независност, слобода и враќање на оние што се во Белгија“.

Полицијата не успеала да ги спречи да влезат во Парламентот, по што радикалите залепиле постери со кои барале прогласување република.

Тензично било и пред командата на шпанската полиција, распоредена во покраината по ланскиот 1-ви октомври кога исто така беше побарана независност.

Во жирона демонстрантите се обиделе да ја урнат оградата пред канцеларијата на каталонската влада во оваа провинција и да го пробијат полицискиот кордон.

Следбениците на независна Каталонија ги блокираа главните патни правци во покраина, улиците во Барселона и во Леида, како и влезот во финансиската област на каталонската престолнина. На неколку часа беше блокирана и експресната железничка линија кон Франција.

Марина Ристова