Индонезија

Авион со 189 патници и екипаж се урна во море

29.10.2018 11:36

Спасувачите пронашле остатоци од боингот 737 во близина на Караванг во провинцијата Западна Јава, на околу 70 километри источно од Џакарта. Авионот кој требало да лета до Пангал Пинанг, изгубил контакт со контролата на летање неколку минути по полетувањето.

Авион на индонезиската компанија „Лајон ер“ кој полетал од џакарта со 189 патници се урнал во море неколку минути по полетувањето. Спасувачите пронашле остатоци од боингот 737 во близина на Караванг во провинцијата Западна Јава, на околу 70 километри источно од Џакарта. Авионот кој требало да лета до Пангал Пинанг, изгубил контакт со контролата на летање неколку минути по полетувањето.

„Процесот на евакуација ќе биде брз со помош на други институции. Сигурен сум дека војската и полицијата ќе помогнат. Според првичните информации во леталото имало 189 патници и членови на екипажот“, изјави Мухамед Сјауги, шеф на Националната агенција за спасување на Индонезија.

Портпаролот на Агенцијата за спасување на Твитер објави дека во водата биле пронајдени предмети меѓу кои лични карти и возачки дозволи за кои се верува дека припаѓаат на патниците. Би-Би-Си објави дека најмалку 20 вработени од Министерството за финансии на Индонезија биле во авионот.

Потрагата е сконцентрирана во водите каде што се пронајдени дамки од нафта и остатоци од урнатините.

„Имаме и сонарен скенер кој ќе го испратиме со нуркачите во потрага по црната кутија“, изјави Соер Јанто, шеф на Националниот комитет за безбедност.

Авионот полетал од Џакарта во 06:20 по локално време, требало да слета на аеродромот во Панкал Пинганг еден час подоцна, но само 13 минути по полетувањето, бил загубен контакт со леталото.

Компанијата Лајон ер соопшти дека пилотот и копилотот биле искусни, со повеќе од 11.000 часа на летање. Авионот боинг 737 max 8, бил направен во 2018 година, а бил во сопственост на компанијата од 15-ти август годинава.

 

Марина Ристова