Бразил

Болсонаро избран за нов претседател на Бразил

29.10.2018 13:34

Десничарот Жаир Болсонаро е избран за нов претседател на Бразил, поразувајќи го опонентот од левицата Фернандо Хадад во вториот круг. Мнозинството Бразилци бараат промени во системот кој со години се бори со корупција. Противниците на десницата загрижени дека контроверзниот политичар ќе ги загрози човековите права.

Со освоени над 55% од гласовите, десничарот Жаир Болсонаро застанува на чело на Бразил во наредните четири години. Претседателскиот кандидат од конзервативната Социјал-либерална партија, водеше жестока кампања против корупцијата и криминалот. Отсуството од предизборните дебати поради повредата што му ја нанаесе напаѓач со нож за време на митинг, не му ја намали популарноста меѓу симпатизерите за да извојува победа и во вториот круг. Го нарекуваат „бразилски Трамп“ поради политиката за слободно користење оружје, климатските промени и заштитата на економијата.

„Вие сте ми сведоци дека ќе се залагам за одбрана на уставот, демократијата и слободата. Бразил нема веќе да се разликува од земјите во развиениот свет. Ќе бараме билатерални односи со кои ќе се зголемува економската и технолошката вредност на бразилските производи“, изјави Болсонаро.

Неговиот противник Фернандо Хадад од Работничката партија освои 44,8% од гласовите.

„Мојот живот го давам на оваа земја. Сигурен сум дека зборувам во името на милиони луѓе коишто ја ставаат земјава над своите животи и својата благосостојба. Кога ќе ги погледнам улиците во сите региони, чувствувам страв и немир на лицата на многумина. Не плашеете се, ние сме со вас“, нагласи Хадад.

Поддржувачите на Болсонаро славеа и пред затворот каде што е сместен поранешниот претседател Лула да Силва, кој беше уапсен поради корупциски криминал.

„Политичарите се лажговци, криминалци што се кријат зад извежбаните говори. Болсонаро е оригинален, кажува работи што многумина не сакаат да ги чујат. Искрен е и сака подобрувања во земјата каде што живее. Патриот е, служеше во армијата, херој кој се бореше за нацијата.“

Во Рио и Сао Паоло, протести против победата на симпaтизерот на поранешната воена диктатура на Бразил.

„Бразил не го заслужува ова. Сето ова е од незнаење. Бразилците се неинформирани, тие му должат многу на поранешниот претседател Лула.“

Победата на Болсонаро означува почеток на голема пресвртница на политичките струи во најголемата демократија во Јужна Америка, која долги години беше контролирана од левичарското движење.

 

Маја Филдишев