Софија

Приведени над 20 лица за поткуп за бугарско државјанство

29.10.2018 16:44

Приведени се 20 вработени од бугарската агенција, осмничени за земање поткуп и фалсификување на документи со кои се дава бугарско државјанство на баратели од неколку држави, меѓи кои и од Македонија. Од Европската комисија сѐ уште не ја коментираат истрагата која ја спроведува багарското Министерство за внатрешни работи...

Во синхронизирана акција во бугарската Агенција за бугарите во странство се приведени 20 вработени поради злоупотреба на службената должност, земање поткуп и фалсификување на документи. Меѓу приведените е и претседателот на Агенцијата, Петар Харалампиев.

Извршен е претрес на канцелариите во Софија, Ќустендил и Плевен. Истрагата е спроведена по дојава дека осомничените издавале документи за бугарско потекло за 5.000 евра со кои се добива бугарско државјанство на баратели од Македонија, Украина и Молдавија.

„Ништо не можам да ви кажам во моментов. Работиме на случајот“, вели Анѓел Канев, обвинител за случајот.

„Немам коментар. Имавме пријава и дејствуваме по неа“, изјави Антон Славчев- бугарска Антикорупциска комсија.

Случајот стигна и до Брисел. Од Европската комисија не сакаат да коментираат за истрагата, но соопштија дека до крајот на годинава сите земји- членки ќе треба да го усогласат и зајакнат процесот на проверка на податоците на барателите на државјанство, зошто со тоа се добива и државјанство на земја- членка на ЕУ.

„Европската комисија веќе подготвува извештај за национални измами за добивање државјанство, контрола на законите и практиките во земјите- членки и препораки за неопходна проверка на личните податоци на барателите. Членките на ЕУ се обврзани да пријават злоупотреба“, вели Кристијан Виганд, портпарол на Европска комисија.

Истрагата во Бугарија ја спроведува бугарското Министерство за внатрешни работи и припадници на Антикорупциската комисија. Се очекува, по истрагата Бугарија да ги одземе државјанствата добиени врз основа на измама.

Во македонското МВР и Министерство за правда не се информирани за македонските државјани кои можеби добиле бугарско државјанство врз основа на лажни потврди за бугарско потекло.

 

Ирина Гелевска