САД испраќа војници на границата со Мексико
Соединетите Американски Држави го зголемуваат военото присуство на јужната граница со Мексико. Операцијата е фокусирана вo Тексас, Аризона и Калифорнија. Американскиот претседател Трамп ги предупреди мигрантите од Централна Америка да се вратат назад бидејќи им се заканува директен судир со војската...

Пентагон праќа 5.200 војници на границата меѓу САД и Мексико во рамките на мерките кои се спроведуваат против мигрантскиот карван. Трупите ќе се стационираат до крајот на неделава каде што ќе им асистираат на веќе мобилизираните 2.000 граничари. Мигрантите се на 1.600 километри од територијата на САД.
„Концептот на операцијата „Верен патриот“ е да ги распоредиме сите воени средства првенствено во Тексас, па потоа во Аризона и во Калифорнија. Засилување ќе има на сите приоритетни точки на влез за да се зголеми капацитетот на тимовите за заштита и обезбедување на границата“, изјави генерал Теренс Џон О’Шонеси, Министерство за одбрана на САД.
„Мора да се подготвиме за голема група. Пораката е јасна до орагнизаторите и учесниците во карванот. Оние кои ќе се обидат илегално да ја минат границата, ќе бидат уапсени и ќе подлегнат на законите на САД“, изјави Кевин Мекалинен, комесар во Царинска и гранична заштита на САД.
Претседателот Донадл Трамп ги предупреди мигрантите дека овој пат војската ќе дејствува подиректно кон бранот од Мексико, барајќи од нив да се вратат назад зашто нема да им биде одобрен влез додека не минат низ правниот процес. За барателите на азил ќе бидат изградени кампови.
„Не сум глобалист, но сакам да се грижам за светот, првин за својата земја. Сакам да им помагам на луѓето насекаде, но мора да ја чуваме нашата земја, или нема да ја имаме. Мора да ја чуваме нашата држава на границата“, рече претседателот Трамп.
Според Обединетите Нации, над 7.000 мигранти од Централна Америка се движат кон САД.
„Таткото на детето работи со транспорт. Му се закануваа со смрт. Немавме пари да им дадеме на оние што шверцуваат мигранти, па моравме да се вклучиме со карванот. Во Хондурас не се враќаме.“
„Не успеавме да влеземе. На претходната граница имаше судир со полицијата, не сфаќам зошто пукаат со гумени куршуми, опасни се за децата.“
Трамп не е првиот претседател кој праќа трупи на границата со Мексико. Неговиот претходник Барак Обама прати 1.200 војници на Националната гарда, а Џорџ Буш мобилизираше околу 6.000 војници за да им помогнат на граничните патроли. И двете распоредувања траеја околу една година.
Маја Филдишев
