Меѓународна судска работилница

Воспоставување на стандарди за независно и самостојно судство

01.11.2018 15:14

Воспоставување на стандарди за независно и самостојно судство е централната тема на која во Охрид расправаат осумдесеттина судии и експерти од земјава, регионот и пошироко. Судиите директно ќе се осврнат на владините нормативни проекции кои што се однесуваат пред сѐ на судиите, односно прашањето на изборот, унапредувањето и дисциплинската одговорност. Посебно ќе се разговара за идната поставеност на Судскиот совет, како реален и ефективен гарант на судската независност.

Реформските процеси ни се потребни не само за пристапување во НАТО и ЕУ, туку се насушна потреба на граѓаните. Тоа значи воспоставување на независно судство, кое што ќе суди врз основа на законите, кое што ќе ја врати вербата во правдата и ќе овозможи остварување на човековите права. Ова на меѓународната судска работилница во Охрид го рече министерката за правда, Рената Дескоска, при што посочи дека по донесувањето на законската рамка најважната задача ќе биде кај судиите кои ќе треба да ги имплементираат законите.

„Задоволна сум од мислењето што го добивме од Венецијанската комисија од причина што потенцира и нотира конкретни членови кои што треба да бидат сменети во законите и исто така дава насока. Се надевам дека со последниот пакет на измени во судството повторно ќе добие, но овој пат целосно позитивно мислење од Венецијанската комисија и со тоа ќе ги исполниме приоритетите кои што стојат пред нас на реформската агенда“, рече министерката Дескока.

Ние веќе подолг период ја мониторираме работата на Судскиот совет и ги анализираме нивните постапки, рече врховниот судија Џемали Саити, при што ја прокоментира и можноста од партиски влијанија при избирање и унапредување на судиите.

„Луѓето во Македонија се тие. Во одреден период на одредена или друга задача при нивните унапредувања во функциите. Не е исклучено да има лиѓе кои некогаш биле на некои политички функции да бидат избрани“, вели Џемали Саити, судија на Врховниот суд на Република Македонија.

Претседателот на Судскиот совет ги отфрли обвинувањата дека се бираат луѓе блиски до партиите.

„Мислам дека како колективно тело иако немавме единствен став при гласањето, мислам јавно беше тоа кој треба да биде. Мислам дека ставот нас Судскиот совет е дека тие што се избрани во моментот се вистинскиот избор“, изјави Зоран Караџовски, претседател на Судски совет.

Џон Мекнил од програмата ОПДАТ рече дека по решавањето на проблемот со името НАТО и ЕУ јасно посочоле дека за нив приоритет е владеењето на правото, односно дека најважниот критериум за прием е судската независност, но не само со донесување на законите туку и со нивна имплементација.

 

Сашо Нелоски