Османи во Атина на средба со Катругалос
Вицепремиерот за евроинтеграции Османи во Атина на средба со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Катругалос. На маса билатералните односи меѓу двете земји, Договорот од Преспа и македонските евроинтеграции. Османи во Скопје се враќа со првиот лет од грчката до македонската престолнина...

Билатералните односи, ситуацијата во регионот и европските интереси биле во фокусот на разговорите меѓу вицепремиерот Бујар Османи и неговиот грчки домаќин - алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос во Атина. Главна тема- политичкиот развој на настаните во двете држави по одлуката на Собранието за почнување на постапката за уставни промени согласно со обврските од Договорот од Преспа, соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања.
„Најважна е соработката која очекуваме да ја оствариме во насока на успех на нашите европски интеграции. Успехот на Договорот од Преспа ја става Грција во редот на земји-пријатели, чија поддршка за нашите европски интеграции внатре во Унијата е забележлива“, изјавил Османи во Атина.
Со грчкиот домаќин Катругалос била договорена работна група „ЕУ таск- форс“ за размена на искуства во процесот на европските интеграции, почнатиот скрининг- процес, претстојниот процес на преговори, комуникацијата со европската администрација и успешното искористување на ИПА фондовите. Македонија и Грција ќе градат мерки на доверба за забрзано унапредување на комуникацијата и соработката меѓу двете држави.
Посочена била иницијативата на еврокомесарот за проширување Хан за трилатерална средба меѓу Македонија, Грција и Албанија за одржлив развој на Преспаснкиот регион и отворање на гранични премини околу езерото.
По средбата, Катругалос го испратил Османи на аеродромот во Атина на првиот лет од грчката престолнина до Скопје.
Ирина Гелевска
