Истекува рокот за доставување на нацрт-амандманите на Уставот до Собранието
Истекува рокот за достава на нацрт уставните амандмани според Договорот од Преспа. Генерално текстот е усогласен, изјави премиерот Заев по вчерашната консултација околу барањата на осумтемина пратеници од опозицијата што гласаа „за“. Мукоски, од новата независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека договорот содржи и штетни елементи, но мора да се прифати, а амандманите ќе внесат дополнителна заштита. В понеделник почнува со работа телото за национално помирување...

Нацрт- амандманите за уставните измени ќе бидат ставени на владина седница. Штом стигнат во Собранието, премиерот Заев уверува- сите пратеници ќе може да поднесат амандмани на амандманите, со цел процесот да биде, како што вели, што е можно поинклузивен. Заев не прецизираше колку амандмани Владата ќе достави. Рече може да бидат четири, пет или шест.
Независниот пратеник Крсто Мукоски изјави оти Владата ги прифатила сите четири барања на неговата пратеничка група, а тоа се: гаранција за македонскиот идентитет, постепена промена на името за внатрешна употреба, формирање на собраниско тело кое ќе изготви план за национално помирување и поништување на амандманите во случај Грција да не го испочитува нејзиниот дел од Договорот.
Рокот за поднесување на амандманите истекува денес.
