Политика

Владата ги достави нацрт- амандманите до Собранието, пленарна седница на 1-ви декември

02.11.2018 14:27

Владата ги достави нацрт- амандманите за промена на Уставот согласно Договорот од Преспа. Во преамбулата паралелно со прогласот на АСНОМ, место и за Рамковниот договор како конститутивен елемент на државата. Премиерот бара поддршка од сите пратеници. Пленарната седница е закажана за први декември...

Предлогот на Владата е во Уставот да се интервенира со четири амандмани кои се веќе доставени до Собранието. Во нив пишува - името на државата се менува во Република Северна Македонија, освен во членот 36 којшто има историски контекст. Одлуките на АСНОМ, во Преамбулата се заменуваат со прогласот од првото заседание и се додава Охридскиот Рамковен договор.

Понатаму, Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и во последниот, четврти амандман - освен гаранција за македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, посочи премиерот Заев.

Амандманите треба да стапат во сила откако Грција ќе го ратификува Договорот во Парламентот во Атина. Во спротивно, нема да важат. Сукцесивно ќе се менуваат и документите кои го содржат новото име на државата.

Во образложението на амандманите, премиерот Заев рече дека се прифатени барањата на пратениците од независната група, но расправата ќе биде отворена за сите народни избраници кои сакаат да поднесат амандмани.

Постапката во Собранието почнува на 7-ми ноември, кога амандманите ќе ги разгледува матична Комисија. Пленарната седница е закажана за 1-ви декември. За да се усвојат конечните измени е потребно 2/3 мнозинство во Собранието.

 

Анита Димитријевска