Политика

План 18: Реформи за подобар живот на граѓаните

07.11.2018 10:13

Правосудниот систем, безбедносно- разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против организиран криминал и корупција, во фокусот на реформите во владиниот План 18. Во него се содржани сите препораки од извештајот на Европската комисија, вели премиерот Заев. Потенцира дека крајна цел на реформите е подобарување на животот на граѓаните...

Реформи во правосудството, безбедносните и разузнавачките служби, во јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупција се областите содржани во Планот 18.

Премиерот Заев на вчерашниот брифинг рече дека Владата е фокусирана на развојот и на напредокот на овие области, од кои што зависи позитивната препорака за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ во јуни, следната година.

„Целосно сме посветени на реформите, тоа е важно за граѓаните, а Брисел будно го следи процесот и од нас очекува резултати“, изјави премиерот. Очекува опозицијата да се вклучи во процесот за да се креираат квалитетни решенија.

Скрининг процесот на 33-те поглавја треба да заврши во септември идната година. В понеделник, пак, започнува отворањето на 24-то поглавје кое ги опфаќа безбедносните служби. Економските реформи ќе причекаат до декември.

Придобивките за граѓаните од реформите се воспоставување правосуден систем на високо ниво, во кој ќе се почитуваат уставно загарантирание слободи и права на сите граѓани, враќање на довербата во институциите, професионални и одговорни безбедносно-разузнавачки служби, деполитизирана јавна администрација, велат од Владата.

Министерот Манчевски најави дека гарантираат оти до крајот на годинава ќе биде усвоен и Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми.

 

Марина Стојанова- Тонева