На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
Со мнозинство гласови „за“ мандатно- имунитетната комисија го прифати барањето на судот и му препорача на Собранието да му го одземе пратеничкиот мандат на Никола Груевски...

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно- имунитетни прашања денеска со мнозинство гласови „за“ го прифати барањето на судот и му препорача на Собранието да му го одземе пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.
За одземање на мандатот на Груевски гласаа пет од деветте членови на Комисијата. На гласањето не присуствуваа членовите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие дојдоа на Комисијата, но по искажаните забелешки на Трајко Вељаноски дека се води политички, а не правен процес, ја напуштија седницата.
Претседателот на Комисјата Павле Богоевски, кажа дека тој е за одземање на мандатот на Груевски бидејќи делата кои му се ставаат на товар го прават недостоен за вршење на пратеничката функција.
На седницата беше поканет и Груевски, но не присуствуваше бидејќи е на судење за предметот „Титаник“. Груевски најдоцна до 8-ми овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.
