Вашингтон

Нови санкции за Русија поради аферата Скрипаљ?

07.11.2018 12:37

Москва не дала уверливи гаранции дека нема да користи хемиско оружје по нападот на поранешниот шпион, Сергеј Скрипаљ во Англија. И во август Вашингтон и се закани на Москва со нови санкции доколку не се усогласи со актот на елиминација на хемиско и биолошко оружје во рок од 90 дена...

Американскиот Стејт Департмент најави дека ќе воведе дополнителни санкции за Русија. Оттаму велат оти Москва не дала уверливи гаранции дека нема да користи хемиско оружје по нападот на поранешниот шпион, Сергеј Скрипаљ во Англија. И во август Вашингтон и се закани на Москва со нови санкции доколку не се усогласи со актот на елиминација на хемиско и биолошко оружје во рок од 90 дена.

Според тој документ, Русија треба да престане да го користи нервниот агенс „Новичок“, употребен во нападот на Скрипаљ, да се обврзе дека нема да употребува хемиско оружје против својот народ и да дозволи инспекции од агенциии на Обединетите нации.

Стејт Департментот го известил Конгресот дека не може да потврди дали Руската Федерација ги исполнила условите и дека во тој случај се подготвени да делуваат во согласност со одредбите на Законот за дополнителни санкции. Во соопштението не е посочено кога ќе бидат објавени новите санкциии, но е можно да бидат пожестоки од претходните.

Поранешниот руски шпион и неговата ќерка го преживеаја нападот со „Новичок“, за кој Москва негира каква било вмешаност. Аферата предизвика дипломатска криза меѓу Лондон и британските сојузници од една страна и Русија од друга, што резултираше со протерување голем број дипломати.

Марина Ристова