Јанакиески и Божиновски во притвор
Екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, обвинети во „Титаник“, заработија 30-дневен притвор. Кривичен го уважи барањето на Специјалното јавно обвинителство. Обвинителката Стефанова вели дека добиле информации оти планирале да избегаат од Македонија на ист начин како Груевски. Од СЈО отфрлаат било каква вина за бегството на поранешниот премиер...

Бегството на поранешниот премиер Никола Груевски го вклучи алармот во Специјалното јавно обвинителство. На нивно барање, во притвор се ставени екс- министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и поранешниот секретар на Владата, Кирил Божиновски. Од СЈО рекоа дека имаат информација оти двајцата се подготвувале на ист начин, како и нивниот поранешен шеф,да избегаат од земјава. Какво бегство планирале, СЈО не откри. Обвинителката Стефанова посочи - ако постојат индиции дека и други обвинети сакаат да бегаат, и за нив ќе побараат притвор.
Одбараната тврди – Јанакиески не бил под посебни истражни мерки, па оттука за нив е нејасно како УБК добила сознанија дека планираат бегство.
Поранешната министерка Гордана Јанкулоска, која заедно со Јанакиески, Божиновски и Груевски е обвинета во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности, пред почетокот на рочиштето изјави дека ќе ги почитува определените мерки од судот и оти нема намера да бега.
Рочиштето за случајот „Титаник“ се одложи затоа што судијата не издал налог за спроведување на новопритворените од затворот во Шутка. Претходно, обвинителството побара на Груевски да му се суди во отсуство. Одбраната, пак, оцени дека е поцелисходно за него да се раздвои постапката. Судот по овој предлог ќе се произнесе на следното рочиште, закажано за 23 ноември.
Анита Димитријевска
