Западен Балкан- ЕУ

Европска перспектива за Западен Балкан

19.11.2018 13:07

Евроинтеграцијата на Западниот Балкан во Европската унија, потребата од регионална соработка и разрешување на билатералните спорови, се главни теми на состанокот на премиерите од регионот во Виена, инициран од австриското претседателство со Унијата. „Сите шест земји од Западниот Балкан имаат европската перспектива, но кога ќе станат земји- членки на Унијата зависи од нив“- потсети еврокомесарот за проширување Хан. Вицепремиерот Анѓушев во Виена истакна дека Македонија ќе ја заврши домашната задача за да обезбеди евроатланска интеграција и подобар живот за граѓаните...

На нешто повеќе од месец до крајот на австриското претседателство со ЕУ, во Виена, собир на лидерите од Западниот Балкан со канцеларот Курц и еврокомесарите Хан и Габриел. Брисел потврди- сите шест земји од регионот имаат европска перспектива, но кога ќе станат членки на Унијата зависи од нив.

„Сакам да потсетам уште еднаш колку е важна европската перспектива на регионот и да нагласам дека е ова перспектива за сите шест држави. Процесот на евроинтеграцијата е врз основа на заслуги, најверојатно нема сите истовремено да се приклучат кон ЕУ. Но, важно е да се има перспектива за сите шест држави, зашто или ќе извезуваме стабилност и просперитет, или ќе увезуваме нестабилност. Затоа сме многу решителни и посветени да ги имаме сите шест земји во европското семејство“, изјави Јоханес Хан, еврокомесар за соседска политика и проширување.

Курц потенцираше- Австрија дава силна поддршка за евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан, но посочува оти е потребна соработка меѓу нив и разрешување на билатералните спорови.

„Австрија е силен партнер на земјите од Западниот Балкан. Ние имаме силни историски, економски, политички и културни врски. Сметаме дека Европската унија ќе биде комплетна кога и земјите од Западниот Балкан ќе бидат дел од ЕУ. Ги поддржуваме државите на патот кон Европската унија и имаме специјален фокус кон регионот за време на нашето претседателство со Унијата. Безбедноста во Европа во голема мера зависи од безбедноста на вашиот регион“, нагласи Себастијан Курц, австриски премиер и претседавач со ЕУ.

Евроинтеграцијата ќе донесе подобар живот за македонските граѓани, изјави вицепремиерот Анѓушев.

„Потпишавме договор за пријателство со Бугарија и некако го надминавме долгогодишниот спор за името со Грција. Сега сме во финална фаза од разрешувањето на ова прашање. Мислам дека ќе можеме да ги поминеме сите уставни амандмани до крајот на јануари. Се надевам дека парламентот ќе најде сили да ја надмине ситуацијата. Потоа ќе го отвориме патот за наша интеграција во ЕУ и во НАТО. Да се биде мала држава во регионот значи да се грижиме за економијата и за подобар живот за граѓаните“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Анѓушев вели дека Македонија е посветена на процесот на евроинтеграција и вети оти владата ќе направи сѐ за да ја заврши домашната задача.

 

Ирина Гелевска