Невладини најавуваат тужба против државата поради аерозагадувањето
Невладини организации најавуваат тужба против државата во Стразбур поради аерозагадувањето. Велат – секој има право на живот и на чист воздух. Повикаа итно и без одложување да се спроведат мерки, во спротивно да се понесе одговорност...

Бесплатен градски превоз во наредните три месеци, 24- часовен инспекциски надзор со соодветна опрема, детектирање на загадувачите- ова се само дел од мерките кои невладините организации бараат итно и без одложување да се спроведат. Велат оти состојбата со воздухот е алармантна и најавуваат тужба против државата во Стразбур поради аерозагадувањето.
„Ако ги исцрпиме сите инстументи во Република Македонија со судството и најдеме конечна разрешница ќе бидеме задоволни ако не се надевам со помош на адвокатот кој што се надевам дека ќе се јави и волонтерски ќе не застапува ќе поднесеме тужба до Стразбур до Судот за човекови права. Мислам дека дојдено е време за преземање на одговорност и некој од институциите и од одговорните особено за животна средина, за чист воздух и загадената почва треба да понесе одговорност“, изјави Драги Змијанац, детска амбасада „Меѓаши“.
Невладините организации ќе ги упатуваат граѓаните каде да пријават ако забележат загадувачи. Велат- инспекторите од една страна и граѓаните од друга ќе дадат краткорочен ефект во борбата против загадувањето.
„Ова се однесува од една страна на непочитувањето на стандардите, односно и на големите загадувачи кои што можеби во даден момент не ги користат филтрите кои што би требало да ги имаат односно тврдат дека ги имаат. А, од друга страна и така не толку опасните загадувачи на локално ниво кои што воопшто не се во таа категорија на големи загадувачи, не се корисници на А и Б интегрирани дозволи“, изјави Наташа Постоловска, Зелен институт.
Невладините сметаат дека парите во буџетот одредени за наредната година, за борба против аерозагадувањето не се доволни.
„Доколку државата смета дека ова е стратешко прашање, сметаме дека државата треба да го зголеми буџетот за предвидените мерки и да преземе итни мерки додека почнат да се реализираат среднорочните и краткорочните мерки за намалување на аерозагадувањето. Воедно бараме Владата да биде транспарентна во своето работење и барем еднаш неделно да ги информира граѓаните што е тоа што конкретно презема за намалување на загадувањето“, рече Гордана Мицева, Радар.
Секој има право на чист воздух – велат невладините организации. Ќе поднесат и петиција до надлежните институции.
Андријана Атанасовска
