Снегот направи сериозни проблеми во битолскиот регион
Повеќе села и некои градски населби без електрична енергија, искинати кабли од интернет и кабловска, паднати дрвја и бандери, е епилогот во битолскиот регион ден по снежниот бран. Од ЕВН велат дека со засилени екипи работат на теренот за што поскоро санирање на дефектите. Со надчовечки напори се работи и во битолската подружница на „Македонија пат“. Старата механизација и честите дефекти ги попречуваат во навремените интервенции...
Првиот снежен бран зад себе остави сериозни штети во битолскиот регион. Повеќе села останаа без електрична енергија, а повремени испади од системот имаше и во некои градски населби. Под тежината на влажниот снег попуштија бандери, дрвја, кабли.
Низ повеќе битолси улици се влечкаат најразлични кабли, а во подпелистерието можат да се видат и паднати бандери и дрвја. Најголем дел од подпелистерските села се без електрична енергија.
Без напојување и хотелот Молика. Поради неисчистениот пат, дел од првата смена на работното место беше пренесена со теренски возила.
„Од синоќа забележвме дека соседните згради немаат струја, а таа мака утринава ја чувствуваме и ние. Електрична енергија немаме од седум часот. Имаме мали дечиња, се грееме исклучиво на струја, до кога вака не знам, од ЕВН само ни ветуваат“, вели еден битолчанец.
„Тешко се снаоѓаме имаме само едно плинско ламбиче и на него вариме само кафе. Од паднатите кабли, не знаеме кој од што е“, вели неговиот сосед.
„Студи се виткаме во ќебиња и облекуваме по повеќе блузи“, вели неговата сопруга.
Од ЕВН ни потврдија дека се регистрирани повеќе испади во среднонапонската мрежа. Оттаму посочуваат дека поголемиот број од дефектите се во планинскиот дел, каде што прекините се предизвикани од кинење на проводниците од паднатите дрва. Дел од дефектите се веќе санирани, испратени се дополнителни екипи од Охрид и Струга.
Битолската подружница на „Македонија пат“ започна да го чисти патот кон Пелистер, останатите делници биле проодни. Главен проблем се застаранета механизација и честите дефекти на возилата.
Стевче Митревски
