Македонија

Владата ќе бара Унгарија да ја повлече одлуката за азил на Груевски

21.11.2018 15:33

Досега со Унгарија не сме имале проблем околу одбивање на екстрадиција, се надевам нема да не одбијат ниту сега, вели министерката за правда Дескоска. Унгарската влада ја исклучува можноста за екстрадиција на екс премиерот Никола Груевски во Македонија, изјави денеска унгарскиот министер за правда Ласло Трошани.

Македонската Влада ќе бара Унгарија да ја повлече одлуката за азил на екс-премиерот Груевски. Министерката за правда Дескоска појасни дека Владата размислува за овој потег од причини што доколку одлуката е заснована врз определени факти, државата има право да ја отповика или да ја поништи. Вели, унгарските закони се доста рестриктивни што даваат и можности за отповикување на дадената одлука за азил.

Македонија досега немала проблем со Унгарија за екстрадиција во ниту еден случај, вели шефицата на правда и се надева дека ова нема да биде исклучок. Тврди дека Унгарија никогаш не покренала никакво прашање, ниту за состојбите во затворите, ниту за сомневања во дејствувањата на судството за да одбие екстрадиција.

Унгарската Влада ја исклучува можноста за екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Македонија, соопшти унгарскиот министер за правда Ласло Трошани. Според него, Груевски не може да биде вратен дома, затоа што е цел на прогон, но може да ја напушти Унгарија.

„Груевски откако доби азил во Унгарија не може да биде испорачан во земја во која e цел на прогон“, рече Трошани.

Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто ги отфрли наводите дека унгарски дипломати биле вклучени во бегството на Груевски. Тврди дека тој од Албанија во Унгарија пристигнал почитувајќи го меѓународното право, а ги испочитувал и законите во земјите каде што ја минал границата.

Унгарската служба за имиграција и бегалци му одобри политички азил на Груевски. Министерството за правда до унгарските власти го достави барањето за негова екстрадиција.

Наташа Гркова- Петрушевска