Владата со негативно мислење за предлог- законот за амнестија поднесен од ВМРО-ДПМНЕ
Негативно мислење од Владата за предлог- законот за амнестија, поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Оценето- бил пресеопфатен и давал преширока амнестија. СДСМ ќе ги чека предлозите од телото за помирување. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да учествува во работата на телото, но партијата смета дека има простор низ дебата да се подобри решението...
Владата и официјално даде негативно мислење за предлог- законот за амнестија, поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Со него се предвидуваше амнестија за сите инволвирани во собраниските настани од 27-ми април. „Тоа не е вистинскиот пат за решавање на ова прашање“, изјави министерката за правда Рената Дескоска. Според Владата, предложеното решение е прешироко. Ќе се чека предлогот на телото за помирување.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека очекувале негативно мислење од Владата за нивниот предлог-закон за амнестија. Сметаат дека е тоа смислено сценарио од власта за да продолжи агонијата на лицата обвинети за настаните од 27-ми април. Партијата останува на ставот дека нема да учествува во работата на координативното тело за помирување, но, потенцираат, доколку тоа понуди решение за неселективна правда ќе го поддржат. Од ВМРО- ДПМНЕ сметаат и дека има простор низ дебата со власта да се подобри нивниот предлог.
Ние очекувавме дека ќе има ваков развој на настаните од причина што и самиот Закон во моментот кога го поднесовме согласно собранискиот деловник, не беше ставен на првата седница односно беше одбиен од страна на мнозинството. Така што сето ова води кон еден заклулчок дека целата оваа фарса што се прави и недавањето поддршка за презентација на Законот за амнестија е смислено сценарио од само една причина да продолжи агонијата на сите лица вклучени во процесите од 27-ми април, изјави во Собранието координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПНЕ, Никола Мицевски.
Социјалдемократите го повторија ставот дека за нив, целосната амнестија е неприфатлива. Сметаат оти инволвираните во собраниските настани имаат различна одговорност.
Телото за помирување најдоцна до средината на декември треба да го презентира новиот предлог- закон за амнестија.
Миле Ристески
