Нов тип терапија за пациентите со Хепатит Ц
Министерството за здравство обезбеди нова терапија за Хепатит Ц. Станува збор за американска донација, која ќе им помогне на 150 пациенти целосно да се излекуваат од ова инфективно заболување...

Луѓето со Хепатит Ц ќе се лекуваат со нова терапија – најавија од Министерството за здравство. На Инфективната клиника веќе се регрутираат пациенти кои ги исполнуваат условите за отпочнување со третманот. На Клиниката за гастроентерохепатологија, пак, антивирусна терапија почнале да примаат околу 30- тина пациенти, најголем дел од нив се млади, кои планираат семејство.
„За да може да ја добијат терапијарта не смее да биде оштетен црниот дроб, ги повикуваме на дополнителни испитувања. Можам да кажам дека целосно ќе бидат излекувани сите пациенти на Клиниката за гастро кои биле детектирани дека се позитивни на Хепатит Ц, еден и четири генотип“, изјави д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката за гастроентерохепатологија.
„Веќе е во тек регрутирање на пациентите кои ги задоволуваат условите за да им биде отпочнат третманот со оваа нова терапија за хроничен Хепатит Ц. Веќе имаме пациенти кај кои целата таа процедура завршена“, вели д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.
Обезбедена е терапија за една ипол година, донација од Американска фондација.
„Носиме терапија за околу 150 пациенти и сето тоа верувам дека значајно ќе им ја олесни и моменталната состојба во која се затекнати и секако дека ќе го спречи еволутивниот напредок на болеста и тие пациенти ќе се спасат од појава на цироза, ќе се спасат од потреба за трансплантација“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Досегашната терапија не овозможувала целосно излекување на пациентите, вели министерот Филипче. Болеста напредувала до степен што постоел ризик за оштетување на црниот дроб или појава на карцином.
Андријана Атанасовска
