Даноци

Пензионерите без дополнителни приходи немаат обврска да се пријавуваат во УЈП

22.11.2018 14:36

Пензионерите можат да здивнат, нема да се пријавуваат електронски во Управата за јавни приходи, тврдат надлежните. Ова, сепак не се однесува на околу 45 илјади од нив кои имаат дополнителни приходи...

Пензионерите на кои пензијата им е единствен приход се ослободуваат од обврската да се регистрираат во електронскиот систем на Управата за јавни приходи. За нив податоците ќе бидат преземени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Ова се решава со новиот Закон за лични доходи.

„Се предвидува во наредните 7 години да се одложи обврската за доставување на годишна даночна пријава од УЈП до граѓаните кои што оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за ПИОМ. Тоа значи дека во даночните периоди од 2018 до 2024 година пензионерите кои што не оствариле друг приход освен пензија се ослободени од било каква обрска кон Управата за јавни приходи со годишната даночна пријава“, изјави Сања Лукаревска, директор на Управата за јавни приходи.

Од УЈП велат дека обврската останува за пензионерите кои остваруваат и други приходи освен пензијата. Работат дополнително, односно имаат приходи од издавање имот, од дивиденда со поседување акции, приходи од членување во управни и надзорни одбори, како и приходи од авторски и сродни права.

„Треба да се регистрираат 45 илјади пензионери отприлика, што остваруваат покрај пензијата и друг дополнителен приход“, вели Лукаревска.

Од УЈП велат дека досега во системот е- персонален данок се регистрирани 300 илјади граѓани, а се очекува до крајниот рок да се регистрираат вкупно 900 илјади обврзници. Граѓаните треба да дојдат во УЈП за да се заштити идентитетот на физичкото лице и да се превенира можна злоупотреба, појаснува Лукаревска.

Шалтерите на УЈП работат со продолжено работно време, отворени се истурени даночни канцеларии во повеќе општини, а формирани се и мобилни тимови за да се олесни постапката за регистрација на граѓаните, вели Лукаревска.

Одговарајќи на новинарско прашање дали УЈП имала сознанија за подигањето на средствата од банкарските сметки на екс- премиерот Груевски, Лукаревска со коментар дека Управата е даночен, а не истражен орган и засега нема такви надлежности.

 

Свето Николовски