СЈО

Поднесени две обвиненија во предметот „Талир“

22.11.2018 16:28

Специјалното обвинителство поднесе два обвинителни акти како резултат на спроведената истражна постапка во предметот познат во јавноста како „Талир“...

Истрагата на Специјалното обвинителство за случајот „Талир“ резултираше со две обвиненија. До Кривичниот суд се доставени докази за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за нелегална градба на седиштето на партијата. Во двата предмети обвинет е порашениот претседател на партијата – Никола Груевски. Се товари дека во периодот од 2009-та до 2015-та злоупотребувајќи ја службената положба обезбедувал пари за партијата од анонимни и незаконски извори.

Во тоа му помагале сопартијците Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, кои според СЈО, вршеле притисок на претставници од приватни фирми да обезбедат кеш пари за финансирање на партијата, а за противуслуга добивале тендери и реализирале профит. На овој начин за ВМРО-ДПМНЕ биле набавени повеќе од 4,6 милиони евра.

Со цел да ги прикријат малверзациите, велат од СЈО, обвинетите организирале парите да се уплатат на жиро сметката на партијата преку готовински уплатници во кои биле внесувани лажни податоци. Парите понатаму биле пуштани во оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување недвижности за потребите на политичката партија.

Второто обвинение за изградба на партиското седиште, освен Груевски го опфаќа и поранешниот секретар на владата Кирил Божиновски. Се товарат за злоупотреба на службената положба, затоа што на фирмата Бетон ѝ овозможиле да го гради седиштето, иако знаеле дека истата фирма во тоа време добивала тендери од државните инститиции.

Со оглед дека повеќе од 75 насто од приходите на Бетон биле реализирани благодарение на тендерите добиени од функционери на ВМРО-ДПМНЕ, обвинетите, велат од СЈО, ја искорисиле состојбата на зависност на фирмата Бетон од политичката партија и ѝ овозможиле да ја изгради партиската зграда, но и да уплати на партиската сметка околу 2 милиони евра, со што незаконски прибавиле корист во висина од околу 8,2 милиони евра.

Специјалното обвинителство и за двата предмети побара од судот да определи притвор за Никола Груевски.

По правосилната пресуда за набавката на луксузниот мерцедес Груевски е во бегство. Ќе му се суди во отсуство за случајот со изградбата на кинеските автопатишта, во јавноста познат како „Траекторија“.

Претходно, судот одлучи на поранешниот премиер да му се суди во отсуство и за случајот поврзан со насилството во општина Центар, а утре треба да донесе одлука како ќе постапи во предметот Титаник – за изборни нерегуларности.

Анита Димитријевска