Спасовски: Се утврдува како избега Груевски
Се утврдува како избегал Груевски и кој му помогнал, изјави министерот Спасовски. Отворени се истраги во МВР и во Јавното обвинителство. Сакаме да дојдеме до конкретните информации и да ја информираме јавноста...

Внатрешната контрола на МВР и Обвинителството сѐ уште истражуваат како избегал експремиерот Никола Груевски од Македонија во Унгарија и кој му помогнал, информира министерот Спасовски. Во двете институции се отворени истраги. Појасни дека се контактира со сите служби во регионот. Министерот за внатрешни работи уверува дека од јули 2017-та, по одземањето на патните исправи, биле информирани гранични премини дека Груевски не може да ја напушти Македонија ниту со лична карта.
„Прво треба да се лоцира одговорноста, да ги согледаме пропустите и нефункционалноста на системот во целина и ако тоа го согледаме, ќе можеме да ги отстраниме тие недостатоци за во иднина да немаме вакви ситуации. Многу е важно органите на спроведувањето на законот да имаат координација. Потребно е сите тие институции да се реформираат после 11 години заробена држава“, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски е оптимист за изгласувањето на уставните измени. Смета дека актуелните притвори не би се одразиле на тоа.
„Ниту една политичка одлука не може да терминира било која кривична постапка која ја имаме. Очекувам дека Собранието ќе работи како и досега, пред сѐ имајќи ги предвид интересите на државата и дека ќе се заврши процесот на изгласување на уставните амандмани, а со тоа да биде гарантирано и членството во НАТО и ЕУ“, изјави Спасовски.
Ако сакаме да напредуваме, процесот што се води во судот треба да си продолжи, правда мора да има и да биде достапна за сите, нагласи министерот Спасовски.
Наташа Гркова- Петрушевска
