Потребни се квалификувани кадри за развој на економијата
Формиран е Македонско- германскиот управувачки комитет кој ќе работи на надминување на бирократските и административни бариери, за подобрување на соработката меѓу двете земји. Германија финансиски ќе помага инфраструктурни проекти и ќе го поттикнува зголемувањето на инвестициите. Македонија ќе ги прифати образовните практики за продуцирање на кадри потребни на стопанството...

Германските компании сакаат да дојдат во Македонија, но потребни се доволно квалификувани кадри, а образованието мора да ги продуцира- порача германската влада. Со грантови, донации и искуства ќе ѝ помага на државава да ја подобри инфраструктурата, да ја зајакне бизнис климата.
Формираниот Македонско- германски управувачки комитет допрва ќе ги утврдува приоритетите, ќе ги номинира проектите што ќе добијат директна техничка поддршка или пари од финансиските институции, од Дојче Банк или Германската банка за развој.
„Основни теми во зголемена индустриска соработка меѓу државите со кој ќе обезбедиме да се најдат повеќе македонски производи во Германија, потоа да се најде повеќе технологија од Германија во земјава и да имаме повеќе инвеститори од Германија во земјава. Втората област е подобрување на инфраструктурата. Тука очекуваме поголема поддршка од германската страна. И третата област е образование, каде што ќе се обидеме да ги пренесеме практичните искуства на Германија во практичното образование“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Во областите каде ќе се детектира потреба од подобрување на капацитетите, со совети и идеи за полесен пристап до финансии ќе помагаат и германски експерти. Образованиот систем е една од критичните теми, во фокусот ќе биде конкретната помош германските практики за дуалното образование да се пренесат во Македонија, да се прилагодат на потребите на стопанството. Правната држава, независноста на судството, планирањето се клучни пунктови за бизнисмените.
„Македонија е еден од главните столбови на економската стратегија на Германија, германските компании сакаат да дојдат тука, но мора да се инвестира во образованието за да се обезбедат доволно квалификувани кадри“, вели Хелге Толксдорф, од Одделот за проширување на ЕУ во германското Министерство за економија.
Преку Македонско- германскиот економски комитет, според надлежните, наместо со посредство на процедурите од Европската унија, германската поддршка директно да ја насочи за Македонија.
Германија е нашиот најголем трговски партнер. Вкупната размена изнесува 2,6 милијради евра, извозот 1,95 милијради, а увозот 643,6 милиони евра.
Сузана Фиданска- Стоевска
