Втор повик за субвенции за печки на пелети
Од денеска до 12 декември домаќинствата ќе можат да аплицираат за добивање субвенција за набавка на печки на пелети. Министерството за економија го објави вториот повик за субвенционирање, откако со ребалансот доби седум милиони денари дополнителни средства за оваа намена.

Со дополнителни 7 милиони денари од ребалансот на буџетот, ресорот за економија ќе го субвенционира купувањето на печки на пелети. Вториот повик е објавен денеска и ќе трае до 12 декември. Се очекува пари да добијат околу 230 семејства, додека со првиот повик им беа исплатени средства на 453 домаќинства.
„До 20% ќе имаат можност да бидат субвенционирани, но не повеќе од 500 евра. А имајќи предвид дека печка на пелети чини меѓу 800 и 1.200 евра, значи ние ќе субвенционираме во некои случаи и над 50%, но тоа не треба да биде над 500 евра“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Со двата повика министерството ќе распредели вкупно 21 милион денари за оваа намена, вели Бектеши. Исто така, годинава беа активни уште две други мерки, замената на стари прозорци со ПВЦ или алуминиумски за што беа наменети 30 милиони денари распределени на 1.005 семејства и за купување сончеви термални колекторски ситеми за што од буџетот беа наменети 6 милиони со што биле поддржани 517 семејства.
Ресорот за економија веќе работи на подзаконските акти и правилниците за субвенционирање на вградување плински уред во моторните возила, предвидени со Програмата за субвенционирање на дел од трошоците за оваа намена, со која ќе бидат опфатени над 1.200 возила годишно.
„Приближно субвенционирањето ќе биде како што се одвива со енеергетската ефикасност и мерките што ги даваме за печки на пелети и за ПВЦ прозорци, како и за соларни панели. Некаде ќе биде 50% од трошоците за воведување на такви плински уреди“, вели министерот Бектеши.
Засега не е предвидено да се субвенционира вградување катализатори во стари возила, но Бектеши не ја исклучува можноста при расправата во собраниските комисиии да се предвиди и ваква мерка во програмата.
Според министерот, реално е подзаконските акти да бидат подготвени за 3-4 месеци и најрано во мај- јуни 2019 да бидат објавени првите јавни повици за субвенционирање на вградување плински уреди, односно за набавка на хибридно или електрично возило.
Свето Николовски
