Поплави во Австралија

Жртви и повредени во невреме во Сиднеј

28.11.2018 10:58

Жртви и повредени во невремето во најголемиот австралиски град Сиднеј. Локалните власти регистрирале над 100 повици за помош на пат. Аеродромите затвораат писти и откажуваат летови...

Тинејџер загина во сообраќајна несреќа од невремето во Сиднеј. Двајца полицајци се хоспитализирани поради повреди кога дрво паднало врз нив додека им помагале на цивилите, а 11 луѓе се спасени од возила што биле поплавени на патиштата. 500 граѓани побарале помош и од околните региони. Невремето предизвика прекин и во снабдувањето со електрична енергија. Десетици летови се откажани на најфреквентниот аеродром во Сиднеј. Издадено е и предупредување за метро-станиците. Отежнати се патниот и железничкиот сообраќај.

„До пладне овде одговоривме на 47 барања за помош поради сообраќајна несреќа, што е четирикратно повеќе од просекот. Од нив, 33 се случиле во Сиднеј. Деветмина се хоспитализирани, од кои еден е полицаец од Нов Јужен Велс што им помагал на граѓани кои биле носени од поплавата“, изјави Стив Вон, офицер во Службата за брза помош.

„Сѐ уште постои опасност од силни поплави поради невремето и силнот ветер. Сето тоа создава висок ризик за граѓаните. Навистина е тешко да се прецизира локацијата во метрополата која би била погодена од поројни дождови и поплави“, вели Скот Ханкел,  помошник- комесар во Службата за вонредни состојби.

Од невремето настрадаа крајбрежни делови од Нов Јужен Велс, но ги заобиколи регионите на копното погодени од суша. Властите ги советуваат луѓето да бидат внимателни и во наредните денови за кога е најавен силен ветер. Според Метеоролошката агенција на Австралија, последниот ноември со вакво количество врнежи дожд бил регистриран во 1984 година. 

 

Маја Филдишев