Украина

Порошенко: Можна е тотална војна со Русија

28.11.2018 12:47

Русија се подготвува за големи воени вежби во теснецот Керч. Москва најави и распоредување противвоздушни ракетни системи Ц-400 на Кримскиот Полуостров. Одлуката следува откако Украина воведе воена состојба во земјата. Порошенко со порака до Путин- напуштете ја Украина...

Украинскиот претседател, Петро Порошенко изјави дека Русија драстично го зголемила своето воено присуство на границата. Тој тврди оти на неговата земја и се заканува тотална војна со Москва. Порошенко наведува дека бројот на тенкови долж границата бил тројно зголемен, но не прецизираше кога тоа се случило, а во Азовското Море се лоцирани повеќе руски бродови. По инцидентот во Керченскиот теснец, Порошенко се обидел да стапи во контакт со рускиот претседател Путин, но без успех.

„Ова е руска воена база која се наоѓа на околу 18 километри од нашата граница. Сите овие се тенкови. Изговорите дека се работи за вежба не го оправдуваат зголемувањето на воената сила. Сѐ уште не се повлечени, сѐ уште се таму“, изјави Порошенко.

Руското министерство за одбрана потврди дека се засилува одбраната на Крим со распоредување повеќе противракетни системи, меѓу кои и познатиот Ц-400. Ваквата реакција на Москва доаѓа откако Украина прогласи воена состојба во земјата во траење од 30 дена.

„Никогаш порано не сме имале воена состојба, па затоа е тешко да се разбере. Велат дека уставните права нема да бидат ограничени, но не знаеме што ќе се случи за една или две недели. Имам син, брат, патуваат во странство. Загрижена сум дали ќе можат да одат или не“, вели жителка на Мариупол.

„Можат да не бомбардираат од Азовското Море. Во секој момент може да паднат бомби. Многу сум исплашен“, додава жител на Мариупол.

Инцидентот од 25-ти ноември предизвика ескалација на тензиите меѓу Русија и Украина. Во меѓувреме, земјите- членки на ЕУ не успеаја да се договорат за воведување нови санкции кон Москва, додека американскиот претседател Трамп изјави оти може да го откаже состанокот со рускиот колега Путин поради последниот развој на ситуацијата.

 

Марина Ристова