Свет

Австралија: Поплави и пожари на источното крајбрежје

28.11.2018 14:24

Жртви и повредени во невремето во најголемиот австралиски град Сиднеј. Локалните власти регистрирале над 100 повици за помош на пат. Аеродромите затвораат писти и откажуваат летови.На североистокот беснеат пожари. Евакуирани се 8.000 лица, но нема жртви...

Тинејџер загина во сообраќајна несреќа од невремето во Сиднеј. Двајца полицајци се хоспитализирани поради повреди кога дрво паднало врз нив додека им помагале на цивилите, а 11 луѓе се спасени од возила што биле поплавени на патиштата. 500 граѓани побарале помош и од околните региони. Невремето предизвика прекин и во снабдувањето со електрична енергија. Десетици летови се откажани на најфреквентниот аеродром во Сиднеј. Издадено е и предупредување за метро-станиците. Отежнати се патниот и железничкиот сообраќај.

„До пладне овде одговоривме на 47 барања за помош поради сообраќајна несреќа, што е четирикратно повеќе од просекот. Од нив, 33 се случиле во Сиднеј. Деветмина се хоспитализирани, од кои еден е полицаец од Нов Јужен Велс што им помагал на граѓани кои биле носени од поплавата“, изјави Стив Вон, офицер во Службата за брза помош.

„Сѐ уште постои опасност од силни поплави поради невремето и силнот ветер. Сето тоа создава висок ризик за граѓаните. Навистина е тешко да се прецизира локацијата во метрополата која би била погодена од поројни дождови и поплави“, вели Скот Ханкел,  помошник- комесар во Службата за вонредни состојби.

Северно од Нов Јужен Велс, властите во австралиската сојузна држава Квинсленд евакуираа околу 8.000 лица поради 130 пожари. Во два округа е прогласена вонредна состојба. Затворени се над 35 училишта и пет детски градинки. Пожарите кои почнаа минатата недела уништија неколку објекти. Засега нема информации за жртви. 

 

Маја Филдишев