Политика

Прв состанок на собраниското тело, договорено да се формираат групи за помирување, интеграција и за реформи

28.11.2018 15:18

Во Собранието заседаваше Координативното тело за помирување. Ова е прв состанок. Се одржа зад затворени врати. Договорено е да се формираат три групи за реформи, интеграција и за помирување. Независната пратеничка група побара премиерот Заев да ги забрза процесите...

Без понудена нацрт- верзија за Закон за амнестија, но со формирање на три подгрупи за реформи, интеграција и простување, започна со работа собраниското тело за помирување.

Треба да се надминат личните интереси и да се свртиме кон националните, вели Форсина Ремески од СДСМ. Смета дека трите групи ќе работат во интерес на земјата бидејќи станува збор за врзани процеси како во реформскиот дел, така и преку уставните измени и интегрирањето во ЕУ и НАТО. Сето тоа според Ремески е можно преку помирување.

Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, изјави дека се свесни за потребите на државата и дека нема простор за импровизации. Сепак, потенцира дека ако нешто тргне наопаку, бланко потписи ќе нема.

Членовите на телото се надеваат дека до средината на декември ќе има некаква верзија за Законот за амнестија. Повторно ги повикаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат во работата.

И денеска најголемата опозициска партија и Алијансата на Албанците не учествуваа во работата на телото за помирување.

 

Миле Ристески